Продолжува именувањето на новите зданија од проектот „Скопје 2014“. Новиот административен објект до хотелот „Бристол“ во Скопје [»мапа], во кој треба да се сместат Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, АДСДП и Службата за општи и заеднички работи на Владата ќе го добие името „Палата Панко Брашнаров“. Истовремено, независното тело за регулација на македонските медиуми денеска објави оглас за изработка на основен проект за внатрешно уредување и опремување на просториите во новиот објект, за чие изготвување е предвидено да се потрошат финансиски средства во висина од 1.050.000 денари без вклучен ДДВ. Засега е непозната вкупната финансиска конструкција на ентериерното уредување и опремувањето со мебел и канцелариска опрема.
И додека веќе се прават планови за тоа како ќе изгледа внатрешноста на барокната палата, на местото на некогашниот парк интензивно се одвиваат градежните работи за комплетирање на објектот. Веќе е завршена армирано – бетонската конструкција, а периодов се работи на изведба на надворешните ѕидови. Градежната фирма „Декон – Ком“ забрзано ги реализира планираните активности, за чие завршување досега се одвоени финансиски средства во износ од преку 4,4 милиони евра. Административната зграда со приземје, осум ката и поткровје ќе располага со површина од 4.099 метри квадратни.
Изградбата на објектот „Палата Панко Брашнаров“ започна на крајот од 2013 година, врз основа на архитектонскиот труд што го изработија Жарко Чаушевски и Никола Стакинов. Ревидираниот основен проект го изготви фирмата „Прима инженеринг“ од Скопје. Стручниот надзорот го врши „Градежен институт Македонија“.
Бојан Блажевски