Претходна статија
Македонија и официјално го доби грантот за пругата Бељаковце - Крива Паланка
Следна статија
ДУП „Мал Ринг“ ќе се ослободи од шесте маркички за галиите во Вардар

И Општина Карпош од 2018 година ќе субвенционира купување велосипеди

Објавено на 14.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Карпош ќе биде третата локална самоуправа во земјава што од наредната година ќе го субвенционира купувањето велосипеди од граѓаните. Ова денеска го најави градоначалникот Стефан Богоев, којшто имаше средба со претставници од неформалната група „На Точак“. Од 2018 година во општинскиот буџет ќе бидат предвидени средства за поврат на дел од вложените средства на граѓаните за купување нов велосипед. Целта е да се омасови користењето на ова превозно средство од страна на граѓаните.

 

 

„Мора да започнеме да ги менуваме навиките. Со користење на велосипедот ќе влијаеме и врз намалување на загадувањето, знаејќи дека автомобилите се едни од најголемите загадувачи во Скопје“ изјави градоначалникот Богоев. Пионерскиот чекор за воведување на еден ваков проект го направи Општина Центар пред четири години, а годинава на ваквиот проект се приклучи и Град Скопје.

 

На денешната средба се разговарало и за постоечката велосипедска инфраструктура во оваа скопска општина, при што е истакната подготвеноста на Општина Карпош за да се приклучи кон проектот „Скопје – Вело град“. Тоа би се постигнало со подобрување на велосипедската инфраструктура и сигнализација низ сервисните улици кои се под надлежност на Општина Карпош и нејзино приклучување кон булеварите на Градот, сметаат претставниците од „На Точак“.

 

На денешната средба со градоначалникот на Општина Карпош се разговарало и за предложените решенија за паркирање на велосипедите пред фреквентните места и разните установи во Карпош. Во завршниот дел од средбата присутните изразија подготвеност да соработуваат и за зголемување на јавната свест кај најмладите карпошани, преку советување и организирање обуки во основните училишта за придобивките од користењето на велосипед.