Претходна статија
Приватен образовен објект ќе се гради во дворот на училиштето „Јан Амос Коменски“ во Тафталиџе
Следна статија
Ќе се проектира пругата од Кичево кон Албанија

И кулите кај ГТЦ ќе добијат барокни фасади?

Објавено на 21.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Кулите кај ГТЦГрадот Скопје денеска објави нов Конкурс за избор на идејно решение за реконструкција на фасадите на постоечките објекти во централното градско подрачје долж кејот на реката Вардар. Предмет на огласот се петте кули лоцирани на ул. „Кеј 13 – ти ноември“ кои се ориентирани кон реката Вардар и кон средишниот дел на Градскиот трговски центар (ГТЦ), впечатлив објект од домашната архитектонска историја за кој исто така во моментов се спроведува конкурс што ќе го определи неговиот иден изглед. Инвентивноста во пристапот на обликувањето, изводливоста, одржливоста и економичноста на решението се дел од наведените критериуми врз основа на кои градските власти ќе ги изберат најквалитетните архитектонски трудови за овие станбени згради. За учесниците на конкурсот е предвидена единствено прва награда за победничкиот проект во износ од 90.000 денари. Архитектонските решенија за реконструкција на објектите треба да се достават најдоцна до 11 февруари 2013 година.

 

Во меѓувреме, градските власти одбраа уште 12 архитектонски труда за промена на надворешниот изглед на зданијата што се лоцирани на ул. „Македонија“ (бр. 6, 12, 16, 35, 37, 39 и бб.001) и на ул. „Димитрие Чуповски“ (бр. 32, 40, 43, 45, 47). Архитектите Жарко Чаушевски и Звонко Ставревски, кои и се познати на македонската јавност по изработката на дел од зданијата од проектот „Скопје 2014“, победија на двата распишани конкурси. За разлика од управата на ГТЦ која го одби футуристичкото решение за надградба на трговскиот центар, на Градот Скопје при избор на новите фасади за постоечките објекти во строгиот центар не му пречеше тоа што на еден од двата конкурса беше пријавен само еден учесник. Како награда за победничките трудови на архитектот Чаушевски ќе му се исплатат 720.000 денари, додека неговиот колега Ставревски ќе добие 200.000 денари.

 

Градските власти веќе избраа идејни архитектонски решенија за реконструкција на десетици објекти лоцирани на плоштадот „Македонија“, ул. „11 октомври“, ул. „Никола Вапцаров“, ул. „Македонија“ и ул. „Димитрие Чуповски“. За дел од нив веќе се подготвени основни проекти за промена на сегашниот изглед и се чека единствено на публикување оглас за избор на градежна компанија за извршување на градежните работи. Санацијата на зградата „Пелистер“ и на објектот над кафулето „Тренд“ веќе се завршени, а во моментов се одвиваат изведбените активности на зданието на ул. „11 октомври“ бр. 2. Во градскиот буџет за наредната година се предвидени 115 милиони денари или речиси 2 милиони евра за промена на постоечките фасади на градбите лоцирани во централното градско подрачје на Скопје.