Поранешната битолска касарна „Стив Наумов“ во иднина ќе прерасне во населба во која ќе има и индивидуални живеалишта. Граѓаните и компаниите пројавија желба за изградба на куќи за живеење на атрактивната локација, на која веќе започнаа да се издигнуваат станбени згради од домашни и странски инвеститори. На електронското јавно наддавање во текот на изминатава недела беа продадени 35 градежни парцели со намена за домување во станбени куќи, со вкупна површина од 21.101 метри квадратни. На лицитацијата се очекуваше и позначаен интерес, бидејќи локалната самоуправа од Битола понуди 116 парцели за индивидуално домување, со вкупна површина од 85.328 метри квадратни. Сепак, досегашните резултати од електронската лицитација покажуваат дека во општинскиот буџет би требало да се слеат 28.981.335 денари или околу 470.000 евра, наспроти почетната вредност за целото земјиште проценета на околу 1,4 милиони евра.
Општинските власти во наредниот период ќе треба да потпишат одделни договори со секој од купувачите на локациите за градба, по што финансиските средства треба да легнат во локалниот буџет. Инвеститорите во индивидуалните живеалишта имаат рок од 9 месеци за да прибават одобрение за градење, а објектите ќе треба да ги завршат во временски период од 72 месеци. Во меѓувреме, планирано е да се завршат и првичните инвестиции за реализација на станбени згради. Руски инвеститор во битолската касарна „Стив Наумов“ веќе започна да го гради станбено – деловниот комплекс „Јуриј“, кој е предвидено да се простира на 35.000 метри квадратни, а од неодамна колективни живеалишта на огромниот неискористен простор се реши да гради и битолската градежна компанија „Пелистер“.
За 8 и 10 октомври се закажани уште две електронски лицитации за пет парцели наменети за станбени згради, 12 парцели за изградба на објекти за домување со посебен режим, како и неизградено земјиште за реализација на две катни гаражи, три големи трговски единици и еден хотел. Некогашниот имот на македонската армија во Битола е преточен во три детални урбанистички планови и има вкупна површина од 103 хектари.
» Форумска дискусија за проектот „Старите касарни за нов развој“