Претходна статија
Четири саемски дена за проектот „Купи куќа, купи стан“
Следна статија
Почнува реализацијата на системот за наводнување Равен - Речица

И ако го нема, на Водно ќе се скијаме на снег

Објавено на 29.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

И покрај тоа што пропаднаа два обиди за пронаоѓање на инвеститор за изградба на ски – центар на Водно, Електрани на Македонија се надева дека оваа идеја ќе ја одржи во живот. Државната компанија потпиша договор за ревизија на архитектонско – урбанистичкиот проект, проектот за инфраструктура, идејниот и основниот проект. Фирмата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“ во рок од еден месец треба да ја изврши ревизијата на проектно – техничката документација. За оваа цел, ЕЛЕМ ќе плати 2.832.000 денари, односно над 45.000 евра. Проектно – техничката документација за ски – центарот на Водно лани ја изработи Градежниот институт „Македонија“, за што беа потрошени околу 220.000 евра.

 

 

 

Скијачкиот центар на Водно го следи константен неуспех во изминативе неколку години, поради тоа што на планината нема доволни количества на снег во зимските месеци. Градот Скопје пред три години и ЕЛЕМ лани распишаа два повици за воспоставување на јавно – приватно партнерство за овој проект, но ниту една компанија не пројави интерес. Последната замисла е дека со вештачки снег ќе може да се одржува ваквиот зимско – рекреативен центар. Според намерите на власта, приватна компанија ќе вложи во изградба на центарот, а за возврат ќе може да управува со него.

 

Новата проектно – техничка документација треба да покаже колку скијачки патеки и ски – лифтови би се граделе, но и каква опрема ќе биде неопходна за непречено одржување на замислениот зимско – рекреативен центар. Од ЕЛЕМ во изминатиов период не излегоа со детални информации за тоа што треба да се гради на Водно. И покрај сето ова, очекувањата се дека во претстојниот период ќе биде објавен нов повик за пронаоѓање на приватен концесионер врз основа на новата верзија на документацијата.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk