Министерството за транспорт и врски склучи договор со фирмата „InterVISTAS Consulting B.V“ од Холандија како најповолен економски оператор за изработка на физибилити студија за можноста за формирање на национален авиопревозник во Република Македонија. Холанѓаните треба да го изработат документот во период од четири месеци, и тоа во рок од 60 дена да ја завршат првата фаза од студијата, при што ако се покаже физибилноста, тогаш компанијата има рок од дополнителни 60 дена за да ја комплетира и втората фаза.
„Целта од изработката на физибилити студија е да даде јасна слика која ќе покаже дали има економска исплатливост и под кои услови ќе може да се формира, односно воспостави национален авиопревозник“, се наведува во денешното соопштение на Министерството за транспорт и врски. Огласот за избор на консултантска компанија што ќе го изготви овој документ беше распишан кон средината на ноември минатата година. Република Македонија е една од ретките европски земји која веќе неколку години нема сопствен национален авиопревозник.