Само минорен дел од покривот на Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје ќе добие зелен кров. Градот Скопје и УНДП вчера го презентираа проектот за зазеленување на недовршениот кат на овој трговски центар, но заборавија да споменат дека со претстојниот зафат ќе се опфати многу мал дел од вкупната површина на покривот на ГТЦ. Пресметките на Градот Скопје велат дека ќе се инвестира единствено во 1.800 метри квадратни површина, додека последниот кат на објектот е за десет пати поголем во споредба со најавениот проект за зазеленување. Ова модернистичко здание во центарот на Скопје има вкупна површина од 114.000 метри квадратни.
*Една десетина од кровот ќе прерасне во зеленило, но нема одговор на прашањето што ќе се случува со останатиот дел од неискористениот последен кат на ГТЦ
Податоците на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека целокупното земјиште на кое се наоѓа ГТЦ, вклучувајќи ги ѝ петте станбени кули, се простира на 25.736 метри квадратни. Ако се одземе просторот на којшто се издигаат колективните згради за домување, излегува дека само една десеттина од целокупниот кров на ГТЦ ќе биде претворен во зеленило. Воедно, дел од стручната архитектонска јавност веќе се прашува по социјалните мрежи на кој начин е извршено проектирањето на идниот зелен кров на ГТЦ, ако се земе в предвид фактот дека во изминатиов период не беше распишан архитектонски конкурс за избор на идејни решенија за последниот кат од објектот.
Во изминативе неколку години имаше неколку архитектонски конкурси за довршување на кровот на ГТЦ, за којшто беа избрани неколку прворангирани конкурсни трудови. За последен пат, претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ се обиде да спроведе целосно рефасадирање и надградбата на трговскиот центар во „барокот“ од „Скопје 2014“, но жестоките реакции на граѓаните и архитектите доведоа до стопирање на ваквиот зафат. Актуелниот градоначалник Петре Шилегов вети дека ќе го реализира проектот за изведба на зелен кров на ГТЦ, што беше едно од главните предизборни ветувања дадени од негова страна на последните локални избори.
Изработената документација за зазеленување на покривот на ГТЦ е изготвена во рамките на проектот „Зелен покрив на ГТЦ“, којшто е финансиран од Градот Скопје и од УНДП. Тековната замисла е да се засадат 60 – тина садници и дрвја на недовршениот последен кат од трговскиот центар, но и да се отвори нов кафе – бар и да се оформи нов јавен простор. Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) веќе најавија дека допрва ќе се произнесат по најновиот проект изготвен од Град Скопје и од УНДП.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk