Пропадна вториот обид да се најде приватен партнер кој ќе ги уреди автобуските стојалишта во главниот град. Грчката компанија „Ремеди Адвертајзинг“ поради недостиг на финансиски средства се откажа од соработката со ЈСП – Скопје, која во текот на март годинава беше официјализирана со потпишување договор за јавно – приватно партнерство. Фирмата требаше да исплаќа по 20.400 евра секоја година, а како замена да ги добие финансиските средства од рекламирањето на паноата на автобуските постојки во наредните 15 години. Неуспех доживеа и обидот да се воведе АВЛ – системот во јавниот превоз во Скопје, кој би им овозможил на патниците информирање за возниот ред на линиите во реално време. Во изјава за денешното издание на „Утрински весник“, Мишко Николов, директор на јавното сообраќајно претпријатие, наведува дека ветените проекти ќе се реализираат со сопствени средства преку распишување на тендери. Тој напоменува дека до крајот на годинава ќе започнат активностите за остварување на најавите за новите автобуски стојалишта и за АВЛ – системот во главниот град.
Ако се испочитува досегашниот план, Скопје би требало да добие 275 автобуски постојки од три типови, со унифициран современ дизајн, како и 80 електронски информациски дисплеи. Како дел од проектот „Ренесанса“, воведувањето на АВЛ – системот во Скопје започна кон крајот на 2009 година кога се поставија уреди за автоматско лоцирање во 30 автобуси, а десет станици на линиите со број 2 и 5 веќе добија електронски информативни табли.