Претходна статија
Продадени првите парцели во идната населба „Градина“ во Прилеп, се нудат уште 21
Следна статија
Скопје домаќин на вториот Меѓународен саем за транспорт и логистика

„Гранит“ ќе го довршува патот Радовиш – Струмица

Објавено на 25.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Магистралниот пат А4 (М-6) од Радовиш до Струмица треба да биде комплетиран до крајот на 2012 година. Агенцијата за државни патишта склучи договор со градежната компанија „Гранит“ од Скопје за изведба на преостанатите 10 километри, односно делницата помеѓу Сурдулци и Радичево. На седум километри од овој сегмент е поставен слој на асфалт, додека три километри се само тампонирани. Градежната оператива треба да ги заокружи активностите на терен во временски период од три месеци, за што од буџетот на агенцијата ќе се исплатат 188.807.618 денари или нешто над 3 милиони евра.

 

 

 

 

Комплетирањето на современата патна врска помеѓу Радовиш и Струмица се пролонгира повеќе од една година, поради неисполнување на преземените обврски од страна на хрватската компанија „Ингра“, која започна со работа на овој проект уште во 2009 година. Агенцијата за државни патишта го раскина потпишаниот договор, по што следеше процедура за повторно распишување тендер за избор на најповолен понудувач. Вредноста на целокупниот проект изнесува околу седум милиони евра. Во рамките на делницата се предвидени шест мостови, два подпатници и еден натпатник, клучки кај Калуѓерица и кај Радичево, канали и објекти за одводнување. Како дел од овој магистрален пат, во 2006 година беше пуштена во употреба делницата од Радовиш до Сурдулци, со што 10-те километри стар пат на потегот од Сурдулци до Радичево останаа последниот проблематичен сегмент на магистралната врска помеѓу Радовиш и Струмица.