Претходна статија
Пуштена во употреба реконструираната улица „Орце Николов“
Следна статија
Во четврток протест против изградбата на Панорамското тркало

Граѓаните велат НЕ на нови згради и паркинзи во Карпош 4

Објавено на 17.08.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Жителите од скопската населба Карпош 4 продолжуваат со акцијата за спротивставување на идејата за измена на Деталниот урбанистички план од страна на Општина Карпош, со која е предвидено на местото на сегашното зеленило и паркови да бидат изградени нови станбени згради и паркинзи. Според објавените соопштенија на граѓаните преку социјални мрежи, со измените во ДУП-от се отвора можност за уништување на неколку паркови, што ќе резултира со уништување на урбанистичкиот концепт на населбата и загрозување на квалитетот на живот.

 

 

 

„За десетина дена ќе се гласа нов детален урбанистички план за Карпош 4. Ќе исчезнат тревни површини и ќе се сечат дрвјата низ најубавата населба во Скопје. Ќе го одземат нашето зеленило и без тоа да го имаме побарано од нив, ќе го заменат со бетонско сивило од нови згради и мноштво паркинзи. И воздухот дополнително ќе се влоши. Вашите деца и внуци наместо да играат меѓу дрвја, ќе трчаат меѓу автомобили“, пишува во соопштенијата што се шират низ социјалните мрежи и низ населбата Карпош 4. Жителите ќе почнаат со собирање потписи за петиција против донесувањето на измените на ДУП-от, а веќе секој ден одржуваат и собири кај училиштето „Петар Поп Арсов“.

 

Иницијаторите тврдат дека со најавените измени во ДУП-от ќе се дозволи градење крај улицата „Волгоградска“, пред просторот на ОУ „Петар Поп Арсов“, голем паркинг е планиран на местото на паркот позади низот на улицата „Вич“, два големи паркинзи се предвидени на местото на постоечки паркови и детски игралишта спроти трговскиот центар „Сити Мол“ и спроти салата „Партизан“. Граѓаните бараат од локалните власти да се откажат од измените во урбанистичкиот план, најавувајќи дека во спротивност ќе организираат собири, јавни дискусии и останати форми на притисок.

 

Од Општина Карпош веќе излегоа со став дека населбата Карпош 4 до денес нема детален урбанистички план, со што се појавуваат проблеми во врска со откупот на градежното земјиште под станбените згради и се оневозможува издавање на градежни дозволи за проширување на терасите од колективните згради. Вцртувањето на новите паркинзи во оваа населба е со цел задоволување на зацртаните законски рамки. „Само да ги прецртаме постоечките згради, урбанистите мораат да вцртаат три пати повеќе паркинг места од оние кога зградите се граделе. Во спротивно, согласност на урбанистичкиот план нема да даде ниту ревизијата, ниту Градот Скопје, ниту Министерството за транспорт и врски, бидејќи бројот на паркинг места не соодветствува со бројот на станбени единици согласно законските прописи“, се вели во соопштението од Општината.