Скопската општина Карпош во уште една колизија со граѓаните од населбата Карпош 4, кои повторно бараат од советниците и од градоначалникот Стевче Јакимовски да го повлече предлог – Деталниот урбанистички план и бараат негово враќање во фазата на расправа. Незадоволните граѓани подготвиле и физилибити студија, со која се укажуваат недостатоците од предложените измени во урбанистичкиот план за населбата. „Јавната презентација и анкета всушност најмалку беа јавни, туку скриени и во летниот период во кој се избегна непосредното одлучување на граѓаните, поединечно и колективно вклучување на жителите на Карпош 4 во одлучувања за работи од суштествено значење за нивното живеење“, се наведува во иницијативата на граѓаните од населбата Карпош 4.
Со изработената физибилити студија била докажана штетноста од донесувањето на предложениот урбанистички план, со кој се планира во оваа скопска населба да се градат три нови деловни објекти, три нови станбени згради, како и 11 надземни и подземни паркинзи. Истовремено, со финансиска поддршка од УСАИД е изготвен и Катастар на зеленилото во Карпош 4. Со двата изготвени документи, од граѓанската иницијатива се надеваат дека ќе придонесат за зачувување на зеленилото во нивната населба.
„Спроведувањето на Предлог ДУП-от ќе значи комплетно рушење на една хомогенизирана урбана заедница, каде повеќе од 40 години опстојува една комплетна симбиоза на растителен и животински свет, а граѓаните ги уживаа привилегиите на еден мирен и спокоен живот. Овој ДУП не нуди економски и животен бенефит на граѓаните на Карпош 4“, сметаат од граѓанската иницијатива.