Намерата за изградба на луксузна населба, марина, плажи и шеталиште во Студенчишкото блато во Охрид наидува на сериозен отпор од граѓаните и стручната јавност. На одлуката на охридскиот општински совет дека не постои Студенчишкото блато, реагираа неколку еминентни експерти. Проф. д-р Трајче Талевски, научен советник од Хидробиолошкиот завод во Охрид во отворено писмо се спротивставува на одлуката што ја донесоа општинските советници, нагласувајќи дека целиот професионален живот го поминал во проучување на Студенчишкото блато. „Дно под дното. Без разлика на вашата одлука таму сè уште има Блато господа советници и тоа не 5 хектари туку најмалку уште три пати по толку. И вие немате право да го уништите“, се вели во отвореното на професорот писмо Трајче Талевски.
Доктор Вера Новевска, научен советник со 35 годишен стаж во Хидробиолошкиот завод во Охрид, реагираше на ставот на оваа институција во однос на Студенчишкото блато, кој беше изнесен од еден од вработените на одржаната седница минатиот петок. Таа изразува сомнеж во изнесеното мислење, нагласувајќи дека тоа не е официјален став на научната фела од Хидробиолошкиот завод во Охрид. Поддршката за зачувување на Студенчишкото блато во Охрид дојде и од опозициските партии во Советот на општина Охрид, но и од дел од советниците на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Невладиниот сектор жестоко реагира на идејата во Студенчишкото блато да се гради луксузна населба со хотели, ресторани, резиденцијални објекти и апартмани, заедно со најавената марина, шеталиште и нова плажа. Организацијата „Охрид SOS“ го облепи градот со плакати „Блатото е срце на езерото“, искажувајќи го својот револт против идејата за уништување на блатото како интегрален дел и прочистувач на водата од Охридското езеро. Во функција на заштита на овој природен феномен се и научните истражувања. Во Интегрираната студија од јануари 2012 година се е наведено дека Студенчишкото блато е заштитено подрачје со површина од 64 хектари, а во одредени негови делови е строго забрането да се градат какви било објекти.