Претходна статија
Менувањето на фасадите во Скопје без никаква јавност и отчетност
Следна статија
Нема да се менуваат фасадите на МОБ и на НУБ „Св. Климент Охридски“

Градежништвото ќе доживее тежок удар со кратењето европски пари!

Објавено на 04.07.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонскиот градежен сектор како „мотор“ на економскиот раст во земјава може да доживее тежок удар по кратењето на европските ИПА фондови за нашата земја. Донесените мерки од Брисел за стопирање на финансиските средства во висина од 27 милиони евра претставуваат само почетна закана за градежниците, кои можат да колабираат оставајќи илјадници луѓе без работа ако Македонија се соочи со дополнителни секнувања на кредитите од европските финансиски институции, особено од Европската банка за обнова и развој. Голем дел од проектите со кои се самопромовира македонската влада се всушност задолжувања или грантови од европски институции, кои по нивното откажување први ќе ги почувствуваат градежните фирми ангажирани како изведувачи на терен.

 

* Железничката станица во Скопје реконструирана од ИПА фондовите

 

Покрај последната рестриктивна мерка на Европската унија кон македонската власт, на денеска одржаниот форум за Западен Балкан во Париз беа распределени речиси 150 милиони евра како дополнителна помош за развој на железницата и енергетскиот сектор во соседните балкански земји. Македонија не беше ниту спомената во најновото доделување на средства од Брисел, иако наменски финансии беа распределени за значајни инфраструктурни проекти на Србија, Албанија и на Косово.

 

Ако се земат статистичките показатели за тоа каде најмногу се трошат европските ИПА фондови, може да се види дека инфраструктурните проекти се наоѓаат на врвот од приоритетите. Со финансиски средства од овие фондови се реконструира железничката делница Битола – Кременица, проект вреден 20 милиони евра, но и целосно се санираат 11 железнички станици низ земјава, вклучувајќи го и Транспортниот центар во Скопје. За обновата на станиците се одвоени 5 милиони евра, а во проектот влегуваат сите позначајни објекти лоцирани на Коридорите 10 и 10д.

 

Со европските ИПА фондови во изминатиов период се финансираа реконструктивните зафати на 12 Центри за вработување и 18 Центри за социјална заштита низ поголемите македонски општини. За санирање на вкупно 42 објекти се добиени европски пари во висина од 2 милиони евра. Стопирањето на овие фондови од Брисел може да значи и прекинување на бројни инфраструктурни проекти на локално ниво, меѓу кои се и зафатите за целосна обнова на канализационата мрежа во Куманово, Берово и во други македонски градови. Речиси без исклучок, на секој од овие проекти финансирани од ИПА фондовите работите ги изведуваат македонски фирми, кои ангажираат илјадници работници на своите градилишта.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk