Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори очекува пораст на цената на становите во наредниот период. Квалитетната градба по пониски цени нема да биде можна, бидејќи во континуитет растат трошоците за градежни материјали, но и трошоците за вработени во градежните компании. „Зголемување на трошоците е резултат на порастот на цената на енергенсите за транспорт, прво за тие материјали што се увезуваат, како и за материјалите што се од домашно производство“, изјави Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора.
Од комората се повикуваат на податоците од Државниот завод за статистика, кои покажуваат дека трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување во четвртиот квартал од минатата година биле повисоки за 5,9%, трошоците за материјали пораснале за 3,2% и трошоците за вработени се повисоки за 13%. За да се подигне квалитетот на становите, потребно е да се следат најновите трендови во градежниот сектор и да се почитуваат стандардите. Само во вакви случаи, посочуваат од Градежната комора, може на долг рок да се очекува заштеда на средства од купувачите на станови.