Претходна статија
Позитивни статистички показатели за градежништвото во октомври
Следна статија
Плоштад „Скендербег“ ќе се накити со мозаици

Град Скопје продолжува со „барокни“, Општина Центар со енергетски ефикасни фасади

Објавено на 11.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје и Општина Центар продолжуваат со реализација на Програмите за реконструкција на фасадите во централното градско подрачје. Градската власт се држи до својата политика за менување на изворната замисла на архитектите, кои ги конципирале зградите во центарот на Скопје. Веќе е потпишан договор во вредност од 7.858.268 денари (над 120 илјади евра) со „Алдинг Инженеринг“ за реконструкција на фасада на објектот лоциран на улица „Никола Вапцаров“, број 10. Планирано е да се санира единствено предниот дел од фасадата, оној што излегува на улицата. Наместо оригиналниот дизајн на авторот, идниот надворешен изглед на зданието ќе биде во согласност со неокласицистичко идејно решение на архитектите Звонко Ставревски и Жарко Чаушевски, кој ја следи архитектонската линија на новите градби од владиниот проект „Скопје 2014“.

 

Неокласицизам, барок или термичка фасада за објектите долж улицата „Никола Вапцаров“?

 

 

Во речиси идентичен временски период, Општина Центар го објави договорот за изведба на термичка фасада на објектот лоциран на улица „11 Октомври“ со број 38а, кој е оддалечен на само неколку стотина метри од идното неокласицистичко здание. Во наредните шест месеци ќе се реконструира во целост фасадата на оваа зграда, без притоа да се менува архитектонскиот концепт на авторот на оригиналното идејно решение. Термичката фасада подразбира спроведување на мерките за енергетска ефикасност, со која ќе се намалат сметките за топлинска енергија во оваа зграда, но и ќе им се остави можност на сопствениците на простории во зградата да обезбедат енергетски пасош. Од локалниот буџет на Општина Центар за реконструктивниот зафат се издвоени 5.728.032 денари (околу 90.000 евра). Изведувач на работите е компанијата „М.М.Л. Инженеринг“ од Скопје.

 

 

Бојан Блажевски