Претходна статија
Започна проширувањето на улицата Теодосиј Гологанов
Следна статија
Подновен Мостот на револуцијата

ОСВРТ: Големите трикови на нискобуџетните авиокомпании

Објавено на 15.05.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Нискобуџетните авиокомпании влегуваат во Македонија. Од 20 јуни со четири полетувања неделно ќе започне да сообраќа компанијата Wizz Air на релација Лондон – Скопје – Лондон, а од септември Fly Niki два пати неделно ќе лета помеѓу Скопје и Виена. Наспроти бројните пофалби изнесени во останатите македонски медиуми, build.com.mk ве потсетува на најчестите трикови со кои се користат нискобуџетните авиокомпании кои секогаш паѓаат на товар на патниците:

 

 

 

1. Промоцијата секогаш на прво место

 

Рекламни кампањи, памфлети, интернет – портали, насочувачки интервјуа, позитивни новинарски текстови… Нискобуџетните авиопревозници настојуваат да бидат насекаде околу вас. Нивната прва и единствена намера е да го привлечат вашето внимание со паролата дека се „најдобриот избор за патување за најмалку пари“. Меѓутоа, како што кај телекомуникациските компании не постојат бесплатни разговори за 0 денари, а кај банките не постојат 0% каматни стапки, така и овие авиокомпании не можат да летаат со билети кои чинат 1 фунта. Последен од низата трикови на овие авиокомпании се случи во Велика Британија за време на велигденските празници.

 

#Лондонскиот весник Индипендент наведува дека три огласи на нискобуџетните авиокомпании EasyJet и Ryanair се забранети за објавување во англиските весници поради „лажни тврдења за евтини летови“. Регулаторното тело за рекламирање во сите медиуми АСА (Advertising Standards Authority) во своето образложение за забраната соопштува дека овие авиокомпании ги заведуваат патниците во екот на велигденските празници. Една од причините за ваквото обвинување е „понудата“ на Ryanair за летовите до Даблин по цена од 27,99 фунти, која во рекламата „заборавила“ да ги впише дополнителните 6 фунти доплата за резервација на билетот преку интернет.

 

 

 

2. Внимателно со цената на картите

 

Македонските граѓани се навикнати на фиксни цени на билетите за транспорт во сообраќајот. Нискобуџетните авиокомпании не го користат овој вид тарифирање на транспортот, а како замена ги употребуваат флуктуирачките цени на авиокартите. Постојат три најпознати типа на флуктуирачки цени на картите: ограничен број на билети со ниски цени, конкретни датуми за полетувања со промотивна цена и концептот „што порано купена карта, тоа поевтино“. Дел од авиокомпаниите ги користат сите овие можности, но бидете сигурни дека кај нискобуџетните компании нема да наидете на фиксна цена за лет кон одредена дестинација.

 

 

 

3. Онлајн резервацијата не е бесплатна

 

Резервацијата на билетите и седиштата кај нискобуџетните компании често не е вклучена во цената на картата. Додека дел од авипревозниците тоа го прават бесплатно, дел од нив наплаќаат десетици фунти за билет во една насока. Експертот за патувања Боб Аткинсон за Би – Би – Си предупредува дека патниците забораваат дека резервацијата преку интернет не е бесплатна кај сите авиотранспортери што нудат евтини билети.

 

 

 

4. Плаќањето со кредитна картичка може да ве чини цело богатство

 

Купувањето на авиобилетот со кредитна картичка може да ве чини и до 15 фунти кај нискобуџетните авиокомпании. Препорачано е авиокартите да се купуваат со дебитни картички, бидејќи со нив не се вкалкулирани дополнителни трошоци за купување на картата. Внимателно и со користењето на одделни кредитни и дебитни картички, бидејќи некои од нив може заштедат на патникот десетина евра по билет.

 

 

 

5. Внимателно со багажот што го носите

 

Познати се случаи кога авиобилет кој чини 1 фунта е надополнет со цена за превоз на багаж од 288 фунти! Нискобуџетните компании ја надоместуваат ниската цена на билетите со висока цена за превозот на куфери. Дозволениот рачен багаж е лимитиран на 5 до 10 килограми, секое надминување на истиот чини од 9 до 20 фунти по килограм кај британските нискобуџетни компании. Нешто поевтина варијанта е пријавувањето на дополнитен багаж преку интернет или на аеродром, бидејќи истото чини од 9 до 70 фунти по парче. Колку повеќе дополнителни куфери носите, толку повеќе ви наплаќаат.

 

Затоа, бројните форуми за патување препорачуваат стриктно мерење на багажот од дома, облекување на подебелата облека на себе за време на патувањето и оставање на слободен простор во куферот за подароците со кои ќе се вратите од туристичката дестинација.

 

 

 

6. Меѓународното телефонирање за информации чини многу

 

На веб – порталите на одредени нискобуџетни авиокомпании, освен купување на билетот, не можете да добиете доволно информации околу планираниот лет. Дел од овие авиопревозници ве упатуваат сите дополнителни информации да ги барате на телефонските оператори, кои понекогаш знаат да чинат многу бидејќи се работи за меѓународно телефонирање и бидејќи одредени компании сакаат да остварат добивка и на овој начин.

 

 

 

7. Дали навистина сум во посакуваниот град?

 

Вообичаено е аеродромите да се наоѓаат надвор од градовите, оддалечени десетици километри од центарот. Но, одредени нискобуџетни авиотранспортери полетуваат и слетуваат на аеродроми кои се оддалечени преку 50 до 100 километри од посакуваната дестинација. Дополнително, помалите аеродроми се лошо поврзани со јавниот превоз до метрополите, па така ќе треба да платите висока цена за такси, автобус или воз за да стигнете до планираното место.

 

#За македонските граѓани е важно да се напомене дека на лондонскиот аеродром Лутон оперираат авиокомпании кои нудат летови за Европа и поретко за Блискиот Исток и северна Африка. За посакуваните дестинации кон Северна Америка е потребно да обезбедите трансфер до некој од останатите поголеми лондонски аеродроми, за кои  build.com.mk не пронајде ефикасна врска од лондонскиот аеродром Лутон. Исто така, цената на билетите за организиран автобуски и железнички превоз до Лондон од аеродром Лутон варираат од 2 фунти до 20 фунти во еден правец. Важно е да се напомене дека популарната цена од 2 фунти на EasyBus (фирма – сестра на EasyJet) варира со цената на автобускиот билет исто како и цената на авиобилетите.

 

 

 

8. Прескапа цена на храна и пијалоци во авионот

 

Нискобуџетните авиокомпании не вклучуваат пијалак и храна во цената на авиобилетот. Дополнително, цената на прехрамбените производи и пијалоците во авионите е неколкукратно поскапа од вообичаената цена во продавниците и рестораните. Британскиот јавен сервис Би – Би – Си пресметал дека кај одредени нискобуџетни авиопревозници цената на храната е поскапа за 400%, додека цената на пијалоците е поскапа за 800% во однос на вообичаениот износ на производите.

 

 

 

9.  За на крај, повторно дополнителни трошоци!

 

Откога сте ги проучиле сите трикови на нискобуџетните авиокомпании, ќе разберете дека сеуште не е готово. Одредени нискобуџетни авиотранспортери ви нудат патничко осигурување заедно со авиобилетот, додека други наплаќаат дополнителни фунти за евентуални одложувања на летовите. Дополнителните трошоци што ги вметнуваат нискобуџетните авиопревозници не секогаш влегуваат во нивната позната флоскула „сите трошоци се вклучени во цената“!

 

 

 

10. Алтернативниот превоз како излез од лошото искуство

 

Скриените трошоци на нискобуџетните авиотранпортери често значат и поскапа цена на патувањето од регуларните авиокомпании или од некој друг вид превоз. Секогаш споредувајте ги цените на вкупните трошоци за патување, па и оние што се нудат од Скопје за Лондон и Виена. На пример, build.com.mk за вас ги спореди цените за превоз од Скопје до Виена и назад. Патувањето со автобус и воз на релација од Скопје – Виена – Скопје ќе ве чини и помалку од 80 евра, доколку направите добар „избор“ во купувањето на билетите.

 

Не заборавајте ги никогаш ниту стандардните авиокомпании кои летаат од Скопје или од околните балкански градови. Понекогаш трошоците со патувањето со нив се помали од силно рекламираните цени во медиумите на нискобуџетните авиокомпании. Овие авиопревозници во одредени временски периоди нудат попусти и намалувања на цената на билетите, а претставуваат и посигурен партнер за вашето патување.

 

 

 

Бојан Блажевски