Архитектите и универзитетски професори Минас Бакалчев и Митко Хаџи – Пуља се добитници на Големата награда за реализиран архитектонски проект на 16-тото по ред Биенале на македонска архитектура (БИМАС). Признанието од стручната жири – комисија во состав: Трајко Димитров, Гоце Аџи – Митревски, Никола Павловски, Петар Ѓорѓевиќ, Круме Евроски, Кристијан Јорданов и Слободан Велевски им беше доделено за делото „Селски двор“, проектирано во 2011 година и реализирано во с. Велмеј, општина Дебарца. „Создадената архитектура покажува извонредна чувствителност кон местото и кон пејсажот. Интервенцијата следи употребен архетипски образец за дефинирање на територијата и притоа се интегрира во пејсажот и истата го редефинира местото во ново мало соседство. Со изборот на оваа творба, комисијата одбра да редефинира навраќање кон вредностите како што се заедништвото и пејсажот во секојдневното живеење, како заборавени културни обрасци“, истакна претседателот на жири – комисијата, Гоце Аџи – Митревски на вечерашното свечено доделување на наградите, кое поради технички проблеми, наместо во Музејот на град Скопје како што беше предвидено со програмата, се одржа во Домот на АРМ.
Наградата за проект од областа на архитектурата им беше врачена на авторите Мартин Пановски и Душица Диновска од „Студио 2000“ за бизнис центарот „City Centеr“ во Прилеп, составен од деловен и трговски простор, како и катна гаража. Жири – комисијата оцени дека специфичниот квалитет на овој проект лежи во обидот да се препрочита организацијата, на инаку робусната програма на трговски центар, на еден нов начин. Имено, со одвојување на паркирањето на највисоките катови од објектот се отвораат нови можности за користење на приземјето и комуникацијата на истото со непосредниот контекст. Напливот од свежина што објектот го нуди е и поради фасадната обвивка, која излегува од вообичаената матрица за обликување на ваков вид објекти и се карактеризира со прилично застаклени површини.
Стручната комисија ја соопшти и специјалната награда на БИМАС 2012. Таа му беше доделена на проектот за станбен објект „Куќа Г“ во Скопје, изработен од авторите Елена Икономов, Емил Јегени, Бојан Тасев, Веле Богоевски и Јасна Милојковиќ. Образложението на стручната комисија е дека победничкото решение нуди симултано промовирање на современ начин на градско живеење, во истовремено пејсажен контекст. Внатрешниот и надворешниот простор се симбиоза, токму поради специфичниот волумен на објектот кој се развива во два споени сегменти во отворен агол, притоа јасно дефинирајќи го приватниот дел на дворот.
Кога станува збор за реализиран индустриски дизајн во изминатиот период, комисијата се одлучи наградата да им припадне на архитектите Ивана Топаловска и Ристо Аврамовски за проектот „Едукативни просторни инсталации“, составен од шест различни содржини кои го красат Градскиот парк во Скопје. Проектот е реализиран во 2011 година, под покровителство на Град Скопје. Стручната комисија се одлучила за ваквиот избор поради тоа што тој контекстуално е меко и ненаметливо вклопен во постојниот пејсаж. Самата негова материјализација е погодна за мултипликација и производство на елементите, при што е можна и реупотреба на истрошените или оштетени делови од инсталацијата.
Наградата за реализирана внатрешна архитектура – ентериер, ја доби „Постојаната изложбена поставка во Меморијалниот центар на холокаусот на Евреите од Македонија“, дело на авторите Мајкл Беренбаум (Michael Berenbaum), Едвард Џејкобс (Edward Jacobs) и Јован Ивановски. Проектот е изготвен во 2010 година, а неговата имплементација е остварена во текот на 2011 година. „Оваа реализација за внатрешна архитектура јасно се издвојува со својата појавност преку две нејзини клучни карактеристики: моќно семантичко искуство на доживување кое се памети и дефинирање на просторна целовитост и јасност како елемент исклучително битен за трајни изложбени поставки“, нагласи Гоце Аџи – Митревски.
Поради квантитативен и квалитативен недостаток на трудови од областа на урбанизмот, жири – комисијата одлучи да не ја додели наградата за урбанистички план и проект на овогодинешното 16-то издание на БИМАС.
Препораката на овогодинешното жири е да се изнајде форма преку која ќе се оддаде достојна почит за придонесот во афирмацијата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) на неодамна починатиот архитект и професор Борис Чипан. На централната изложба во рамките на БИМАС 2012, која се одржа во Музејот на град Скопје, беа презентирани вкупно 136 трудови создадени во текот на изминативе две години.