Претходна статија
По „Борис Трајковски“ од денеска се вози по 4 коловозни ленти
Следна статија
„Продис“ стартуваше со производство во „Бунарџик“

Голем интерес, низок процент на реализација на малите хидроелектрани од инвеститорите

Објавено на 30.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за економија во континуитет нуди локации за изградба на мали хидроелектрани за производство на електрична енергија, но ретко кој од предвидените проекти на домашните и странските компании се остварува во реалноста. Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска ги изнесе негативните бројки за процентот на реализација на енергетските објекти, за кои веќе се потпишани договори за давање под концесија на водниот потенцијал на земјава. „Во досегашниот период, пет мали хидроелектрани се пуштени во употреба, 16 се во фаза на изградба, од кои пет се очекува да станат оперативни до крајот на годината. Десет мали хидроелектрани се очекуваат да добијат одобрение за градење, додека останатите концесионери се во напредна фаза за барање на одобрение за градење“, истакна министерот Сарачини.

 

Со досегашните пет меѓународни огласи се доделија 70 концесии за искористување на водата за производство на електрична енергија од овој вид енергетски објекти. Иако планираните инвестиции се проценуваат на 120 милиони евра, сепак ситуацијата на терен покажува низок процент на исполнување на вложувањата, иако правилата предвидуваат одземање на локациите од оние компании кои не се придржуваат до временските рокови за изградба на малите хидроелектрани. Сериозните инвеститори подолго време се жалат на правни и административни проблеми во процесот на реализација на нивните замисли. Поради тие причини, од денеска на располагање на инвеститорите им се става Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ, членка на Светската банка, со чија помош во наредните 4 години треба да се подобри правната рамка, да се овозможат советодавни услуги на финансиските институции од каде би произлегле кредитните задолжувања и да се воспостави соработка со самите инвеститори во насока на успешно имплементирање на проектите.

 

Со потпишаниот договор со ИФЦ ќе им се даде поддршка на Министерството за економија и на Министерството за животна средина и просторно планирање во правец на изготвување на поквалитетна регулаторна рамка, целосна изработка на подзаконската регулатива што ги тангира обновливите извори на енергија, но и подобрување на нацрт – договорите за концесија кои се издаваат од Министерството за економија и на нацрт – договорите за откуп на електрична енергија од страна на заинтересираните потрошувачи. Проектот за обновлива енергија во Македонија на ИФЦ е дел од пошироката Балканска програма со која треба да се создаде стабилен пазар на обновлива енергија во овие земји.