Претходна статија
Светска банка наесен ќе одлучува за експресниот пат кон Бугарија
Следна статија
Ќе се гради ли „барокната“ катна гаража кај Автомакедонија?

Годинава стабилизирање на цената на становите во Скопје

Објавено на 18.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Консултантската компанија за недвижности Фортон Македонија очекува продажната цена на становите во главниот град во 2015 година да се стабилизира, додека во некои општини цената би можела да има и нагорен тренд, како што е општина Центар. Од Фортон посочуваат дека продолжило зголемувањето на бројот на нови станови во Скопје во втората половина од 2014 година, така што бројката за овој временски период е заокружена на 4.909 нови станови. Нивото на непродадени станови во моментот на нивно завршување изнесува 39% од вкупната бројка на изведени станови, и тоа во периодот од јули до декември 2014 година.

 

 

 

Од Фортон посочуваат дека просечната цена на становите во македонската метропола се намалила за 0,9% во споредба со првата половина од 2014 година. Општина Аеродром и понатаму останува локација со најголем придонес кон пазарната понуда, при што оваа скопска општина учествува со повеќе од 58% во севкупната пазарна понуда и 36% во бројот на реализирани купопродажни трансакции. Во овој временски период е констатирана зголемена побарувачка на станови лоцирани во главниот град.

 

 

Зголемена понуда на малопродажниот простор во Скопје

 

Во последните шест месеци од 2014 година се бележи благо зголемување на понудата на малопродажен простор во главниот град, што се должи на новата понуда од типот на ексклузивни малопродажни простори во рамки на хотелот Мериот. Растот на пазарот кај овој вид недвижности се должи на проширување на хипермаркетите, супермаркетите и помалите продавници во сегментот за намирници. Неиздадениот малопродажен простор бележи намалување во втората половина од минатата година. Стабилна ситуација со неиздадениот простор е забележана и во секторот трговски центри. Според податоците на Фортон, најатрактивниот простор во трговските центри се закупувал по цена од околу 39 евра за метар квадратен.

 

Во сегментот на локалните мали трговски центри се забележува намалување на слободниот простор, додека спротивна е ситуацијата со главните пешачки зони и улици, каде што 43% од целокупната површина е регистрирана како неиздадена. Главна причина за ваквиот пад се градежните работи долж главната пешачка улица Македонија, каде што закупнината на локал изнесува околу 30 евра за метар квадратен. Од Фортон очекуваат дека во 2015 година ќе се шират поголемите и поуспешни супермаркети, но и најавуваат натамошна експанзија на ресторани за брза храна и на продавници што ќе нудат познати брендови од модната индустрија.

 

 

Зголемена понудата на канцелариски простор во главниот град

 

Понудата на канцелариски простор во Скопје незначително се зголемила во втората половина од 2014 година, а ново закупената површина изнесувала 6.000 метри квадратни. Во последните шест месеци се бележи опаѓање на слободниот неиздаден простор, кој кај деловните објекти од класа А е во просек од 5%. По остриот пад, цените на канцеларискиот простор се стабилизираат. Закупнините за класа А деловен простор на премиум локација се движат од 12 до 14,5 евра по метар квадратен, додека надвор од центарот на Скопје тие изнесуваат од 7 до 10 евра по метар квадратен.

 

Фортон најавува позитивни вести за придвижувањата кај овој вид недвижности во Скопје. Во 2015 година ќе се намалува неиздадениот простор кај деловните објекти од класа А, но истовремено и цените на закупнините ќе бележат раст. Зголемената побарувачка, во контраст со ограничената понуда на пазарот од ваков тип на канцелариски простор ќе ја подига закупнината во овие објекти.

 

 

Бојан Блажевски