Македонската влада со годинешниов буџет предвиде 10 милиони денари за отпочнување на реконструкцијата на Офицерскиот дом во Битола. Заводот и музеј – Битола треба да изврши категоризација на овој објект од македонското културно наследство, по што би следувала ревалоризација на изведбениот проект. Министерот за култура Роберт Алаѓозовски при неодамнешната посета на Битола истакна дека целиот процес ќе се одвива во фази.
Во првата етапа е предвидено да се изврши заштита на објектот. Во наредните етапи, би следувала реконструкцијата, кое ќе се одвива во зависност од буџетските можности. Објектот во иднина би прераснал во јавен културен простор, којшто би можел да се користи од граѓаните на Битола. Дел од реконструктивниот зафат би се извршил во текот на 2018 година.
Офицерскиот дом во Битола е затворен за посетителите со години наназад. Зданието се наоѓа во девастирана состојба однадвор и одвнатре. На фасадата на објектот се испишани графити, прозорците се испокршени, а на местото на некогашните врати се поставени заштитни тараби за да се спречи натамошно уништување на внатрешноста на градбата. Во слична катастрофална состојба се наоѓа и ентериерот, за чија обнова ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства од она што е одвоено со годинешниов буџет.