Претходна статија
ЕУ ќе инвестира во Коридорот 4, македонските коридори заобиколени!
Следна статија
Започна реализацијата на нова патна врска со Косово

Годинава ќе скијаме на вештачки снег на Пониква и во Крушево

Објавено на 24.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Нова инфраструктура и опрема за македонските зимско – рекреативни центри. МЕПСО го финишира проектот за изградба на два сноу – борд паркови во скијачкиот центар Пониква и во скијачкиот центар Крушево. Во изминатите неколку месеци целосно е завршена инфраструктурата за создавање на вештачки снег, пристигната е неопходната опрема за оваа намена и завршено е осветлувањето на скијачките патеки за ноќно скијање. Во Пониква денеска беше извршено примопредавање на опремата на претставниците на општините Кочани и Пробиштип, а идентичната опрема веќе е доставена и до локалната власт од Крушево.

 

За подготовка на патеките е набавен ратрак, четири топови за создавање вештачки снег, санка и друга придружна опрема. Во инфраструктурниот дел, изградена е вештачка акумулација за вода од која ќе се прави снег, електроенергетска и водоводна инфраструктура за пренос на вода и за подготовка на вештачкиот снег. Вкупната инвестиција во овој проект изнесува околу еден милион евра, а со сноу – борд парковите ќе управуваат општините Кочани и Пробиштип преку новоформираното комунално претпријатие „Пониква“.

 

Во меѓувреме, течат активностите за реконструкција и на постоечкиот ски – парк „Станич“ во Крушево. Веќе е изградено вештачкото езеро, завршени се патеките за сноу – борд скијање и инсталирано е осветлувањето на двете скијачки патеки за ноќно скијање. Неопходната опрема за одржување на зимско – рекреативниот центар е пристигната и истата се состои од ратрак, шест снежни топови за вештачки снег, моторна санка и елементи за сноу – борд паркот. МЕПСО во овој проект вложи 1,29 милиони евра.

 

Двата проекти беа остварени од страна на „Енерго систем“, во соработка со „Суфаг спорт – унд фреицеитанлаген“. Договорите меѓу МЕПСО и двете компании беа потпишани во октомври минатата година, а основната цел на овие инвестиции е да се продолжи скијачката сезона и да се збогати туристичката понуда на зимско – рекреативните центри на Пониква и во Крушево.