Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски најави дека државата годинава ќе изгради 10 нови основни училишта и ќе ги реконструира постојните објекти на уште 60 основни училишта. Со средства од државниот буџет ќе се градат шест нови училишта од цврста градба и четири монтажни објекти. До крајот на 2016 година е предвидено да заврши реконструкцијата на 60 образовни објекти низ македонските општини. Дел од овие проекти се веќе започнати, а дел ќе стартуваат во претстојниот период.
„Од аспект на изградба на нови училишта два објекти, основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во Кисела Вода и „Димитрија Поп Георгиев – Беровски“ во Хром, се во навистина напредна фаза и очекувам некаде оваа пролет да бидат при крај нивните активности за да можеме со почетокот на новата учебна година тие да бидат генерално ставени во функција“, вели заменик – министерот Ристовски. Тој за наредниот период најави почеток на градежните работи за новото основно училиште „Димитар Македонски“ во Горно Лисиче, „Кирил и Методиј“ во Маџари и надградба на постојниот објект на училиштето „Тихомир Милошевски“ во Волково.
За изградба на предвидените 10 нови училишта во земјава, потребни се околу 450 милиони денари (7,3 милиони евра). Заменик – министерот Ристовски информираше дека веќе е објавена постапка за избор на изведувач за реконструкција на осум објекти на основни училишта, додека следните денови ќе биде распишан уште еден тендер за санација на осум градби.