Претходна статија
Избрано идејно решение за новиот Луна парк во Скопје
Следна статија
Државата сопственик на 18 дивоградби

„Го сакам ГТЦ“ реагира на изјавата на претседателот Ѓорге Иванов

Објавено на 19.06.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Револтирани од изјавата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов во однос на одржаниот референдум за ГТЦ, од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ денеска искажаа несогласување со неговото јавно излагање во интервјуто емитувано на телевизија „Телма“. Во објавеното отворено писмо велат дека се обратиле до институцијата Претседател на Република Македонија пред датумот на одржаниот референдум во насока на запознавање со идејата за одржување на прв локален граѓански референдум. Како што нагласуваат од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, претседателот Иванов не им одговорил на испратеното писмо.

 

 

 

Воедно, од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ реагираат на искажаниот став на претседателот Иванов. „Со речник непримерен за претседател на држава споменувате некакви минати референдуми, реваншизми и нерасчистени сметки со имагинарни непријатели од пред 10 и повеќе години, што е период кога најголем дел од членовите на иницијативата ГТЦ воопшто немале право на глас“, се вели во отвореното писмо. Граѓанските активисти надополнуваат дека со неоснованиот напад врз иницијативата „Го сакам ГТЦ“ целосно се нарушува угледот на институцијата Претседател на Република Македонија, надополнувајќи дека тие очекуваат извинување од Иванов.

 

Во телевизиското гостување на „Телма“, водителот му постави прашање на претседателот Иванов за неговото неизлегување на одржаниот рефендум за зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар. На ова прашање претседателот Иванов одговори: „Јас го почитував ставот на претходниот референдум кога некои велеа дека некои прашања не заслужуваат одговор. Јас ќе се радував да ги видам тогаш да излезат овие сега што ме прозиваат, на тој референдум. Тоа е лична одлука, лична одлука, затоа што бев прозиван како граѓанин, како жител на таа општина“.

 

Покрај тоа што на референдумското изјаснување не излезе претседателот Ѓорге Иванов, на неодамнешниот референдум не се појави ниту премиерот Никола Груевски. Според официјалните податоци на Државната изборна комисија, на референдумот за зачувување на автентичниот лик на Градскиот трговски центар излегле на изјаснување 17.655 граѓани од општина Центар, односно 40,53% од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список. Од сите нив, дури 95,36% го поддржаа зачувувањето на постоечкиот лик на фасадата на архитектонскиот симбол на Скопје.

 

 

Бојан Блажевски