Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) ги повикува сите граѓани да се приклучат на утрешниот настан ГТЦ ФОРУМ што ќе се одржи кај споменикот на Славко Јаневски во паркот „Жена – борец“, на кој македонските интелектуалци заедно со граѓаните ќе ја имаат можноста да се вклучат во дискусијата против промената на постоечкиот изглед на Градскиот трговски центар. „70% од објектот на ГТЦ е јавен простор. Тој, архитектонски, претставува „реплика“ на агора/форум, која ги канализира и физички ги опслужува општествените потреби на граѓаните на Скопје во последните четири децении. Во таа смисла, ГТЦ ФОРУМ претставува надоврзување на основната функција на овој објект како јавен простор“, се наведува во образложението на утрешниот настан.
Како учесници на форумот, досега своето учество го потврдиле: Никос Чаусидис, Гоце Аџимитревски, Доминика Бошкова, Зоран Петровски, Александар Писарев, Бојан Иванов, Синоличка Трпкова, Донка Барџиева, Ѕвездан Георгиевски, Соња Абаџиева и Христина Ивановска. Во рамките на настанот, кој започнува во 20 часот, граѓаните ќе имаат можност да се потпишат на петицијата за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ, но и да остават пораки до архитектите на новата фасада и до управата која раководи со објектот.
ГТЦ ФОРУМ е трет од серијата настани како реакција на проектот за нова фасада и доградба на трговскиот центар, со кој целосно би се уништила архитектурата на објектот, како и неговата улога на пешачки коридор во центарот на градот. Раководството на ГТЦ пред еден месец го обелодени избраното решение за идниот изглед на ова здание, кое вклучува изведба на куполи, антички столбови и скулптури.