Под мотото „Во новата година со стариот ГТЦ“, архитектите и граѓанските активисти повторно ја активираат иницијатива „Го сакам ГТЦ“, која се залага за зачувување на автентичноста на Градскиот трговски центар како симбол на главниот град. Планирано е во текот на претстојниов месец да се организираат серија на активности, кои ќе резултираат со голем предновогодишен настан на 28 декември на платото пред Градскиот трговски центар. Иницијаторите изјавуваат дека со планираните активности сакаат да им испратат порака на одговорните лица, но и на идните инвеститори, дека граѓаните го сакаат постоечкиот лик на овој објект. Целта на активностите е да се повлече намерата на раководството на ГТЦ за реконструкција и надградба на познатиот трговски центар.
[youtube=http://www.youtube.com/watch?v=NEkxMxQnvE0&w=515]
Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) ја поддржува иницијативата „Го сакам ГТЦ“. Претседателката на асоцијацијата Сања Раѓеновиќ Јовановиќ вели дека архитектите можат да се спасат себеси како професионална фела единствено ако го спасат ГТЦ. „Иницијативата и желбата за спасување на ГТЦ е искрена и надежна, а Асоцијацијата ќе продолжи со сите легални средства, како до сега, да се обиде да го заштити објектот“, изјави Раѓеновиќ Јовановиќ. Таа дополни дека и понатаму го чека одговорот на нивното барање од Општина Центар, со кое се предлага распишување на референдум на кој граѓаните ќе може да се изјаснат за најавените промени.
Од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ најавуваат дека наредните денови ќе организираат волонтери и ќе постават штанд пред трговскиот центар за да ги промовираат своите барања. Овој штанд секој ден ќе има различна јавна личност, која ќе ги сподели своите размислувања за оваа градба. Во текот на утрешниот ден ќе се одржи голем состанок со волонтери во монтажната галерија во Паркот на франкофонијата, на која се поканети да дојдат граѓаните.