Претходна статија
Великанот Богдан Богдановиќ го потсети Скопје на вистинските архитектонски вредности
Следна статија
Привршува изградбата на новиот мост кај Сарај

Гевгелија ќе добие репрезентативен градски плоштад во 2013 година

Објавено на 30.06.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#По донесувањето на ДУП за централното градско подрачје на Гевгелија и успешното завршување на конкурсот за изработка на идејно решение, општинската власт е на чекор пред реализација на проектот за изградба на нов градски плоштад. Предвидениот јавен простор за граѓаните ќе се изведува на локацијата на постоечкиот паркинг – простор пред Стопанска банка, до споменикот на Сава Михајлов. Под градскиот плоштад е предвидена изградба на подземна гаража за паркирање, а над неа архитектите зацртале летна сцена на три нивоа која ќе се спушта кон улицата „7 март“ и кон сегашниот споменик, каде што е планирана изведба на фонтана и зелени површини. На распишаниот конкурс за избор на архитектонско решение за плоштадот, не беше доделена првата награда, но затоа пак авторите беа вреднувани со втора и три трети награди.

 

Надлежната комисија при локалната самоуправа одлучи на авторите Иван Николовски, Сања Лилиткин, Златица Дервенџи и Елизабета Дојранлиева да им ја додели втората награда на објавениот конкурс во износ од 60.000 денари. Врз основа на нивниот предлог, општина Гевгелија во претстојните месеци ќе го распише тендерот за изведба на новиот градски плоштад, кој се очекува да биде завршен во 2013 година. Трета награда им беше доделена на Катерина Карага, Илина Лалкова, Јулијана Ставревски, Васил Калајџиски, Бојан Муличковски и „Билд“ ДООЕЛ од Скопје, а со идентична сума од 30.000 денари е вреднуван трудот на Благојче Цветковски и Христијан Бабука, како и идејното решение на Виолета Џуровска.

 

####

 

 

Покрај изградбата на пристојна пешачка зона за жителите на градот, новиот плоштад со површина од околу 5.000 метри квадратни ќе реши и дел од сообраќајните проблеми во централното градско подрачје преку изградба на подземна гаража под самиот плоштад, како и катна гаража во негова близина, на просторот на сегашниот пазар. Од општина Гевгелија засега не соопштуваат колкава ќе биде финансиската конструкција за овој проект, ниту пак објаснуваат од каде ќе ги обезбедат потребните средства, но напоменуваат дека во текот на 2013 година ќе се оствари долгонајавуваниот зафат.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект