Претходна статија
Граѓаните може да поднесуваат барања за приватизација на државно градежно земјиште
Следна статија
Грант од 4,6 милиони евра од Швајцарија за комуналната инфраструктура во Гостивар

„ГЕИНГ“ ќе го изготви основниот проект за реконструкција на спортската сала во Куманово

Објавено на 11.07.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Куманово во текот на наредните месеци ќе го изработи основниот проект за реконструкција на спортската сала во Куманово. „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“ од Скопје за сума од над 2,2 милиони денари е избрана за проектант, се наведува во објавениот договор на Електронскиот систем за јавни набавки. Комплетираната проектна документација ќе значи чекор напред кон надминување на лошата состојба во која се наоѓа ова спортско здание во Куманово. Во објектот не се користат системите за греење и вентилација, а не постои ниту систем за ладење во летниот период.

 

*Ентериерот на спортската сала во Куманово; Извор на фотографија: Општина Куманово

 

Основниот проект ќе ја предвиди идната изведба на енергетско ефикасна фасада и санацијата на кровната конструкција на објектот. Планирано е и ентериерно уредување на салата, вклучувајќи замена на внатрешната столарија, адаптација на дел од просториите во објектот, замена на електричните, водоводните и канализационите инсталации, замена на хидрантската мрежа и обнова на санитарните јазли. Спортската сала во Куманово во иднина би го користела природниот гас за греење и за обезбедување топла санитарна вода.

 

Договорот за изготвување на основниот проект е со времетраење од 12 месеци. Во рамките на овој период, проектантската куќа ќе има рок од 80 дена за да ја подготви документацијата по воведувањето во работа. Спортската сала во Куманово има капацитет од максимум 4.150 гледачи. Зданието е проектирано од архитектите Трајко Димитров и Живко Гелевски, кои за конкретното творештво се стекнале со Големата награда на Биеналето на Македонската архитектура во 1981 година.