Изградбата на магистралниот гасовод Штип – Неготино е при самиот крај. Процентот на реализација на проектот е 91%, при што во изминатиов период линискиот дел со блок станици во должина од 36 километри е изграден, заедно со главната мерно – регулациона станица (ГМРС) во Штип. Од „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) посочуваат дека забрзано се работи на довршување на преостанатите градежни работи за да се овозможи пуштање во употреба на магистралниот гасовод во првата половина од 2019 година.
„Во наредниот период потребно е да се комплетираат градежни и машински работи на ГМРС Неготино, како и враќање во првобитна состојба на целиот терен“ вели за „Билд“ Бајрам Реџепи, директор на МЕР. Со реализацијата на тековниот проект на трасата на магистралниот гасовод е оставена блок станица за приклучок на термоелектраната „Неготино“, која што во иднина би можела да го користи природниот гас при производство на електрична енергија со дополнителни вложувања во самиот енергетски објект.
Завршувањето на магистралниот гасовод Штип – Неготино ќе овозможи отпочнување на процесот на гасификација на градовите Штип и Неготино, но истовремено е и предуслов за проширување на магистралниот гасовод во правецот кон Прилеп и Битола. Проектот вреден 16 милиони евра се гради од македонски конзорциум на компании, во кој влегуваат „Рапид билд“ од Куманово, „Ел – Те Инженеринг“, „Чакар – партнерс“, „Спектартермо“ и „Квалитет – пром“ од Куманово. Надзорот над градежните работи го врши кумановски „Простор“.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk