Претходна статија
Предавање на Дамјан Кокалевски на Архитектонскиот факултет
Следна статија
Во Струга ќе се реконструира главната улица „Маршал Тито“

Гасоводот на Водно повторно ги скара невладините и државата

Објавено на 29.10.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ денеска повторно побара итно прекинување на сите активности за изградба на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар што минува низ падините на Водно. Активистите обвинуваат дека со изградбата на гасоводот е загрозен животот на работниците што ги изведуваат работите на терен, се игнорираат мерките за заштита од ерозија на теренот, но и потенцираат дека повторно е обновено решението за сеча од скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Од „Го сакам Водно“ велат дека законите за Водно и Матка ветени од владата не се донесени, додека владините заклучоци од седницата одржана на 22 август остануваат неизвршени.

 

 

„Од сите донесени заклучоци на Владата пред два месеци, само еден се испочитува и тоа веднаш. МЕР да продолжи со изградбата на гасоводот низ парк-шума Водно“ соопштуваат од иницијативата „Го сакам Водно“. Дополнително, тие побараа одговор дали од Министерството за одбрана е издадена дозвола или мислење за изградбата на трасата на гасоводот во близина на бункерите и главната противвоздушна одбрана на Скопје.

 

Од „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) во реакцијата посочуваат дека магистралниот гасовод се гради со сите неопходни дозволи и правосилно одобрение за градење. Воедно, тие посочуваат дека остануваат отворени за понатамошна комуникација и соработка со ова граѓанско здружение. Најголем дел од нивните барања и сугестии веќе се прифатени при изградбата на гасоводот, посочувајќи дека подземниот гасовод низ јужната страна на Водно ќе има занемарливи влијанија врз екосистемот на Водно. „Мора да се напомене дека барањето за изнаоѓање алтернативна траса во оваа фаза на реализација на проектот не е возможна“ велат од МЕР.

 

Граѓанските активисти, екологистите и државните органи веќе неколку месеци наназад се расправаат околу судбината на трасата на идниот магистрален гасовод од Скопје до Гостивар. Во меѓувреме, проектот за изградба на гасоводот долг 76 километри доцни со изведба и е една од главните причини за намалената реализација на овогодинешните капитални инвестиции на македонската влада. Проектот вреден 28 милиони евра се гради со обезбеден заем од меѓународните финансиски институции, коишто не би дозволиле прекинување на изградбата и менување на трасата во екот на негова реализација.