Претходна статија
Цената на „Скопје 2014“ порасна на над 627 милиони евра
Следна статија
Парк и градинка на местото на постоечките бараки на АДСДП

ФОТО ВЕСТ: Во полн сјај блесна реконструираната Железничка станица во Скопје

Објавено на 24.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

За десетина денови целосно ќе заврши реконструкцијата на Железничката станица во Скопје. На лице место може да се увиди дека е завршена санацијата на сите шест перони, поставени се новите лифтови и ескалатори, променети се влезните врати, реконструирани се сите станични тоалети, а нов лик доби и чекалната. Во рамки на зданието е поставен нов противпожарен систем, целосно е санирана инсталацијата, меѓу кои електриката и климатизацијата. Покривната конструкција на објектот е офарбана, а воедно треба да се постават фотонапонски панели на покривот од кои делумно ќе се произведува потребната електрична енергија за станицата.

 

Според денешната слика на градилиштето, она што во претстојниот период треба да се доврши е реконструкцијата на билетарата, но и поставувањето на нови информативни табли за возниот ред на возовите. Комплексниот зафат треба да заврши со целосно чистење на железничката станица, по што објектот е предвидено да биде пуштен во употреба. Очекувањата се дека свеченото отворање ќе се организира наредниот месец.

 

Реконструкцијата на Железничката станица во Скопје доцни веќе шест месеци. Градежниот зафат започна во април 2014 година, кога беше најавено дека истиот ќе заврши во рок од една година. За оформување на новиот лик на маркантниот објект беа издвоени 2,5 милиони евра, од кои 85% се обезбедија од ИПА фондовите на Европската унија. На терен работите ги изведуваа фирмите „Инком Инженеринг“, „Бонор Инженеринг“ и „Глобоцки“, додека надзорот на градежните активности го вршеше италијанската компанија „АРС Проџети“ (ARS Progetti SpA).

 

Проектната документација за реализираниот реконструктивен зафат ја изработи холандската фирма „Гронтмеј“ (Grontmij), врз основа на изворното идејно решение на славниот јапонски архитект Кензо Танге. При овој зафат беа санирани единствено просториите на Железничката станица во Скопје. Останатите сегменти на Транспортниот центар, како што е: главната пошта, административните простории на МЖ-Транспорт и театарската сала, ќе чекаат некои подобри времиња за изведба на некој друг реконструктивен зафат.

 

####

####

####

####

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk