Претходна статија
„ОДВ-Електрик“ отвори фабрика во ТИРЗ Струга
Следна статија
РЕПОРТАЖА: Тбилиси - приказна за тоа како метрото не е решение за јавниот превоз

ФОТО ВЕСТ: Свети Климентовиот Универзитет – меѓу ревизија, стопирање и доцнење на проектот

Објавено на 15.09.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Веќе десетина месеци со намалено темпо се одвива изградбата на Свети Климентовиот Универзитет на локалитетот Плаошник во Охрид. Со исклучок на манастирскиот конак и резиденцијалниот објект на МПЦ, сите други објекти остануваат на ниво на карабина и по пет години од почетокот на изградбата на овој комплекс. Во изминатиов период се појавија сериозни проблеми околу висината на објектите, за што УНЕСКО реагираше негативно во неколку наврати. Поголем дел од стручната јавност во земјава негодуваше поради издигнувањето бетонски зданија на еден од најпознатите археолошки локалитети во земјава.

 

 

Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ планираше по секоја цена да ја заврши изградбата на комплексот на Плаошник. Крајниот рок за реализација на проектот беше 2018 година. И покрај ваквата заложба од нивна страна, темпото на изградба што го ветуваа не се реализираше. На три месеци пред крајот на годинава, ентериерните работи во објектите не се ниту започнати со реализација. Од друга страна, сегашната влада на СДСМ уште пред доаѓањето на власт ветуваше дека ќе ја прекине изградбата на Свети Климентовиот Универзитет.

 

 

„По 11 декември 2016 година ќе ги стопираме сите криминални градежни активности на Плаошник, ќе ја обновиме уништената шума, ќе го зачуваме културното наследство, а Охрид ќе го вратиме на културната и туристичката мапа како светски културен центар на Словенската писменост“ истакна сегашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски во септември 2016 година.

 

 

За комплексот на Плаошник од државниот буџет досега се потрошија околу 12,3 милиони евра. Претходната власт пресметала дека крајната вредност на Свети Климентовиот Универзитет ќе чини околу 30 милиони евра. Комплексот со површина од 17.000 метри квадратни се состои од Свети Климентовата библиотека, Музејот на Плаошник, Богословскиот факултет, Центарот за хуманистички науки, конгресниот центар, манастирскиот конак и резиденцијалниот објект на МПЦ.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk