Градежните работници на кавадаречката фирма „Урбан инвест“ периодов интензивно работат на довршување на плоштадот „Пресвета Богородица“ во центарот на Скопје. Јавниот простор со површина од 5.500 метри квадратни се гради пред црквата „Пресвета Богородица“ на левата страна од Кејот на реката Вардар, на потегот помеѓу булеварите „Филип Втори Македонски“ и „Крсте Петков Мисирков“. Во изминативе месеци се извршија серија од изведбени работи, како што е вадење на старата коцка и поставување на новата подземна инфраструктура.
Раскопаниот простор се подготвува за претстојното поплочување, кое во согласност со потпишаниот договор ќе го чини градскиот буџет над 34 милиони денари, односно околу 550.000 евра. Плоштадот „Пресвета Богородица“ до следниот месец ќе добие нови клупи за седење, корпи за отпадоци и останата урбана опрема, но и ќе се постави осветлување, со што ќе се заокружи првата фаза на проектот. Првата етапа ја реализираше општина Центар и во истата беа потрошени 4,2 милиони евра.
На овој јавен простор пред две години беа пуштени во употреба три фонтани, на чии столбови од мермер беа поставени скулптури на Пресвета Богородица, на свети Никола и на свети Петар и Павле.
» Форумска дискусија за овој проект
Текст, фото: Бојан Блажевски