Покрај тоа што ги мониторира македонските телевизии и радио станици, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во иднина ќе може да го набљудува и центарот на Скопје. Административното здание на местото на некогашниот парк до хотелот „Бристол“ е изградено во рекорден рок, а нејзиниот врв ќе го краси и купола за поголемо удопство на вработените во канцелариските простории. Градежната компанија „Декон – Ком“ успеа за помалку од една година да го доведе објектот на ниво на карабина, при што од државниот буџет за оваа намена досега беа издвоени околу 4,4 милиони евра. Зградата допрва ќе треба да ја добие замислената „барокна“ фасада“, но веќе се стекна со име – палата „Панко Брашнаров“.
Административната зграда со приземје, осум ката и поткровје почна да се гради во октомври минатата година, по протестите за зачувување на тогашниот парк од граѓаните што живеат во околните згради и од невладините организации. Во канцеларискиот простор со површина од 4.099 метри квадратни ќе се сместат вработените од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, АДСДП и Службата за општи и заеднички работи на владата.
„Барокниот“ дизајн на објектот е дело на авторите Жарко Чаушевски и Никола Стакинов, ревидираниот основен проект го изработи „Прима инженеринг“ од Скопје, додека надзорот над градежните работи го врши Градежниот институт „Македонија“. По завршувањето на фасадата, дополнителни средства ќе треба да се одвојат за внатрешното уредување на административните простории и за нивното опремување.
Текст и фото: Бојан Блажевски