Политичката криза во земјава не предизвика проблеми во изградбата на спомен-обележјето на Мајка Тереза на скопскиот плоштад „Македонија“. По 15 месеци од почетокот на изградбата, градежната оператива на „Бетон“ од Скопје ја привршува бетонската конструкција на идниот објект висок дури 32 метри. Издигнувањето на конструкцијата е првата и најтешка фаза од овој проект, по која ќе следува обликувањето на сето она што е замислено да наликува на Мајка Тереза од страна на Министерството за култура. За парцелата со површина од 621 метри квадратни досега се потрошија 5,6 милиони евра од државниот буџет.
Таканаречениот „објект со скулптурална композиција“ треба да биде завршен во текот на 2017 година. Овој сегмент од владиниот проект „Скопје 2014“ се гради во согласност со идејното решение на авторите Валентина Стевановска и Кирил Мукаетов. Што сè ќе се залепи на бетонот од ова спомен-обележје ќе треба допрва да се види. Надзорот над реализацијата на градежните работи ја врши Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии, додека проектната документација за обележјето на Мајка Тереза ја изготви Градежниот институт „Македонија“.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk