Новата неокласицистичка фасада на седиштето на македонската влада ќе започне да се изведува кон средината на октомври, а целокупниот проект е планирано да се заврши во текот на наредната 2013 година. Во изјава за весникот „Дневник“, директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата на Р.М. Васил Доневски истакнува дека основниот проект е веќе завршен. Во наредниот период се очекува добивање на одобрение за градба, по што ќе се пристапи кон објавување на тендер за избор на градежна компанија што ќе ги изведува работите. Надворешната реконструкција на владината зграда се пролонгира веќе неколку месеци. Изведбениот проект требаше да биде комплетиран уште во почетокот на мај од страна на скопското друштво за производство, трговија, инженеринг и градежништво „Архитектоника“, а во летните месеци беше планирано да се публикува и тендерот.
Победничкото идејно решение што го изработија архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов претставува континуитет на инсталирањето на неокласицизам во централното подрачје на македонската метропола. Во изборот на новиот надворешен изглед на владиниот објект се вклучија и граѓаните преку јавна анкета која беше поставена на владиниот интернет – портал. Петар Муличковски, автор на оригиналниот проект од пред четири децении, неколку пати излезе со изјави во јавноста и се спротивстави на прекршувањата на авторските права што ги поседува врз архитектонското решение за објектот, за кој има добиено и признание од светската организација на архитекти.