Со преку една милијарда евра ќе се подобрува квалитетот на дистрибуцијата и снабдувањето со електрична енергија во земјава во претстојните две децении. ЕВН Македонија пред владата денеска го промовираше изготвениот Мастерплан за инвестирање во нови енергетски капацитети во дистрибутивната мрежа. „Побарувачката за енергија во следниот период ќе се зголеми за два отсто, а нашите инвестиции одговараат на овие предвидувања. Со реализација на Мастерпланот ќе продолжиме со надградба, реконструкција и модернизација на модерната мрежа“, истакна Вернер Хенгст, претседател на управниот одбор на ЕВН. Проектот ќе се реализира на целата територија на Македонија, а од ЕВН Македонија се надеваат дека и во иднина ќе наидат на партнерски однос и соработка со државните институции и со бизнис секторот во насока на подобрување на дистрибутивниот систем.
На изработката на овој стратешки документ е работено во изминатите пет години, при што во предвид беа земени сите расположливи информации од домашните и странски институции, била консултирана академската домашна и странска јавност, енергетските компании и сопствената база на податоци на ЕВН. Според сопствените податоци, австриската компанија досега има инвестирано 196 милиони евра во изградба на нова и реконструкција на постоечката електродистрибутивна мрежа во земјава.