Град Скопје со средства од ИПА 2 програмата на ЕУ ќе добие План за одржлив урбан транспорт, вклучувајќи го идниот Акциски план за имплементација и обезбедување на насоки и стандарди за одржливо урбанистичко планирање и проектирање на патната инфраструктура и транспортните услуги. Тендерската постапка за избор на изготвувачот на документот ќе биде објавена во текот на април, а за подготовка на планот за одржлив урбан транспорт на Скопје ќе се вложат 2 милиони евра.
Со документот ќе се определат пошироките и долгорочни цели за развој на јавниот транспорт, намалување, управување и смирување на сообраќајот, пренамена на дел од постојните улици и простор за возила во пешачки и велосипедски зони, можност за посветување посебно внимание на потребите на ранливите категории на граѓани, воспоставување на интегрирана политика за контрола на паркинзите и други мерки и политики што ќе бидат адекватни за развој на урбаниот транспорт во Скопје.