Во рамките на програмата на Владата за обнова на поставките во музеите низ Република Македонија се реализира обновата на музејските поставки во 16 национални установи. Дел од овој повеќегодишен проект се моменталните активности за ентериерно уредување на Куќата на Робевци во Охрид, која е еден од најпрепознатливите белези на охридската староградска архитектура. Со проектот, за чија реализација од буџетот на Министерството за култура се издвоени три милиони денари, се врши комплетно осовременување на ентериерот и градежни интервенции во внатрешноста на објектот.
Музејот на Робевци со овие зафати ќе добие три целосни комплексни поставки, и тоа етнолошка, археолошка и уметничка поставка во кои ќе биде изложено вредно културно наследство. Исто така, на влезот во објектот ќе биде изведен нов пулт за продажба на влезници и сувенири. Во изминатиот период беше обновен екстериерот на објектот, при што беше извршена комплетна санација на фасадата, беше променета целата надворешна столарија и беше реконструирана покривната конструкција, со што се обезбеди долговечност на овој исклучително значаен споменик на културата.