И покрај жестоките реакции на дебарската локална самоуправа, македонските и меѓународните еколошки организации и на локалното население, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и понатаму е заинтересирана за изградба на акумулацијата „Луково поле“ во Националниот парк „Маврово“. Државната компанија изминатово лето до Министерството за животна средина и просторно планирање доставила Известување за намера за изведување на проектот – Акумулација „Луково поле“, довод „Корабски води“ и мала хидроелектрана „Црн камен“. Во документот се изнесени основни податоци за овој енергетски проект, врз чија основа надлежното министерство пред десетина дена одобрило изработка на Студија за оцена на влијанието на проектот врз животната средина.
Донесеното Решение за утврдување на потреба од оцена на влијание врз животната средина практично означува две работи: како прво, македонската влада и ЕЛЕМ не се откажуваат од реализацијата на проектот „Луково поле“ и како второ, енергетскиот објект во блиска иднина нема да може да се гради, од причина што повторно треба да се изоди целокупната постапка на подготвителни работи – избор на консултант и изработка на соодветната Студија за оценка на животната средина. Дополнително, во подготовката на овој важен документ ќе бидат вклучени и соседните земји – Албанија, Косово и Грција. Истовремено, Министерството за животна средина и просторно планирање му наложи на ЕЛЕМ да изготви сеопфатна студија, во која меѓу другото, ќе бидат вклучени и прекуграничните влијанија од проектот „Луково поле“.
Одлуката за остварување на енергетскиот проект доаѓа по неодамнешната меѓународна петиција против изградбата на брани во Националниот парк „Маврово“, која ја поддржаа дури 100.000 граѓани. Оваа кампања ја спроведоа македонските еколошки организации, кои петицијата ја адресираа директно до премиерот Никола Груевски и до директорот на Европската банка за обнова и развој, со барање за дефинитивно откажување на реализацијата на проектите „Бошков мост“ и „Луково поле“. Планираната акумулација, проект вреден 62 милиони евра, е планирано да се гради со кредит од Светска банка и со сопствени средства на ЕЛЕМ. Предвидено е да се изведе камено – насипна брана во висина од 71 метри, која би акумулирала 39 милиони метри кубни вода. Воедно, ќе се гради доводниот канал „Корабски води“ во должина од 20 километри до мавровските хидроелектрани, но и ќе се подигне малата хидроелектрана „Црн камен“.
Бојан Блажевски