Претходна статија
ТЕМА: Балканските аеродроми грабат напред, македонските ги следат
Следна статија
Граѓаните повторно го критикуваат донесувањето на ДУП-от за Карпош 4

ОБНОВЕНО: Допрва ќе се знае моделот за финансирање на ски-центарот на Водно

Објавено на 18.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ги демантираат информациите дека е објавен повик за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на скијачки центар на Водно, за која „Билд“ и неколку други медиуми од земјава објавија информации во текот на изминативе денови. Од државната компанија посочуваат дека досега не е донесена одлука околу моделот за финансирање. Допрва ќе се одлучува дали зимско – рекреативниот центар ќе се гради по пат на јавно – приватно партнерство, или пак, самата компанија ќе ја финансира неговата реализација. Со проектот најпрво раководеше Градот Скопје, кој во 2012 година објави и тендер за воспоставување на јавно – приватно партнерство за ски-центарот. По неуспешниот обид од градската власт, ЕЛЕМ ја презеде улогата да ги гради ски – терените на Водно.

 

 

 

Врз основа на донесениот урбанистички план за ски – центарот на Водно, на планината се предвидени скијачки патеки, ски – лифтови, ресторан и административна зграда со ски – школа и оддел за изнајмување на скии. На основниот проект и неговата ревизија во моментов работи фирмата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“. Само за изработка на проектно – техничка документација во изминативе две години, од ЕЛЕМ потрошија над 265.000 евра. Општина Карпош на почетокот од 2015 година ги изгласа измените и дополнувањата на ДУП-от за ски – центарот на Водно. Урбанизацијата на овој дел парк – шумата Водно е зацртано да опфати околу 45.000 метри квадратни, вклучувајќи го Милениумскиот крст и останатите објекти на врвот на Водно.

 

За сметка на зеленилото на парк – шумата Водно, за комуналната инфраструктура се предвидени 13.000 метри квадратни, уште осум парцели се предвидени за хотелски комплекс во подножјето кај селото Нерези, голем угостителски објект до Милениумскиот крст на Водно, пречистителна станица за фекална канализација, резервоар за вода, трафостаница, патишта и останата инфраструктура што ќе ја олесни работата на постоечките и на новопланираните објекти на Водно.