Еко – свест испрати дописи до меѓународни институции и банки во кои бара да се заштити Парк – шумата „Водно“ од уништување поради изградбата на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар. Екологистите велат дека трасата минува низ значајни растителни подрачја со ретки и загрозени билки, а е нејасно и какво ќе биде влијанието на изградбата на трасата и градежните активности врз Матка, Пештерата Убавица и Буково. Од Еко – свест велат дека нема стратегија за управување со ризици во оценката за влијание врз животната средина, ниту пак се испочитувани мерките за намалување на негативните влијанија.
Екологистите посочуваат дека е нејасно зошто биле отфрлени другите можни траси за изградба на магистралниот гасовод. „Во постапката за Оценка за влијание врз животната средина биле спроведени јавни расправи во засегнатите општини на кои не биле поканети засегнати граѓани и граѓански организации кои работат во сектор животна средина“ соопштуваат од Еко – свест.
Негативните реакции на екологистите не стивнуваат ниту по новата предложена траса на магистралниот гасовод што минува низ Водно. Вицепремиерот Кочо Анѓушев минатиот месец им ја предложи на екологистите новата траса за гасоводните цевки, со која за околу 70% би се намалило влијанието врз зелениот појас во постапката на градење. Тој наведе дека гасификацијата на Полошкиот регион во многу поголема мерка ќе ја намали сечата на дрвја за загревање на домаќинствата, во споредба со она што ќе се исече на Водно.
Магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар започна да се гради пред повеќе од две години. Трасата со должина од 76 километри треба да обезбеди природен гас за жителите и стопанството од Полошкиот регион, при што за инфраструктурниот проект се обезбедени околу 28 милиони евра.