Претходна статија
Реконструирана галеријата „Никола Мартиновски“ во Крушево
Следна статија
Студентски пленум против „барокизација“ на универзитетскиот кампус

ЕБОР ќе ги разгледа препораките од Советот на Европа за „Бошков мост“

Објавено на 09.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Пред да ја донесе конечната одлука околу финансирањето на проектот „Бошков мост“, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе ги разгледа дадените препораки од Постојаниот Комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа. Тие посочуваат дека целосно ги прифатиле изгласаните препораки во однос на Националниот парк „Маврово“, дополнувајќи дека досега не се префрлени финансиски средства на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) за изградба на спорната хидроелектрана. Колку за потсетување, токму ЕБОР во 2011 година одобри кредит од 65 милиони евра за реализација на најавениот енергетски проект, кој до денешен ден не е започнат.

 

 

 

Во меѓувреме, со своја реакција за најновиот развој на настаните се јавија и од државната компанија ЕЛЕМ. Оттаму посочуваат дека е добро што се донесоа нови препораки кои предвидуваат да се направи нова дополнителна студија, која ќе ги потврди специфичните потреби за заштита на локалната флора и фауна. „АД ЕЛЕМ ќе ги земе во предвид овие препораки и ќе изработи студија со цел, паралелно со текот на процесните активности да се обезбеди и инклузија на потребите и довербата на засегнатата јавност. Наша цел е да се претстават сите придобивки од проектот и на економско и на еколошко ниво, затоа што имаме план да реализираме развојни проекти и истовремено да ја унапредуваме животната средина“, посочуваат од компанијата.

 

Хидроелектраната „Бошков мост“ е планиран енергетски капацитет со инсталирана моќност од 68,2 мегавати. Проценките се дека годишно тој би можел да произведе 117,54 гигават-часови електрична енергија. Оваа хидроелектрана со вода би се снабдувала од Мала Река и од нејзините притоки.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk