Огромен пораст на издадените одобренија за градење на нови станови во текот на мај 2016 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во извештајниот период е предвидена изградба на 750 станови, со вкупна корисна површина од 63.183 метри квадратни. Споредено со петтиот месец од 2015 година, бројот на предвидени станови за градење е зголемен за 225,9%, додека површината на истите пораснала за 219,8%. Деловните субјекти од градежниот сектор добиле одобренија за градење на 410 станови со површина од 30.505 метри квадратни, додека останатите живеалишта е предвидено да ги градат физички лица.
Вообичаено за македонскиот пазар, инвеститорите во овој вид недвижности се интересираат првенствено за изградба на двособни и трисобни станови. Во мај 2016 година биле издадени градежни дозволи за изведба на 256 живеалишта со три соби и за 198 двособни станови. Од аспект на региони, најмногу станови за градење биле предвидени во југоисточниот регион – вкупно 358 на број. На ниво на локални самоуправи, општина Струмица во мај 2016 година издала најмногу одобренија за градење на станови (339), а по неа следуваат општина Кисела Вода со 164 и општина Куманово со 35 предвидени станови за градење.
Во согласност со информациите од Државниот завод за статистика, во мај 2016 година се издадени 292 одобренија за градење, што е за 57% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 4.970.915 илјади денари, што е за 13% повеќе во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 163 (55,8%) се наменети за објекти од високоградба, 33 (11,3%) за објекти од нискоградба и 96 (32,9%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 292 објекти, на 182 (62,3%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 110 (37,7%) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk