Со групно возење велосипеди од плоштадот „Македонија“ до паркот „Аеродром“, на 28 мај ќе се одбележи двегодишното постоење на граѓанската иницијатива „На точак“. Покрај музиката и штандовите во паркот „Аеродром“, роденденската „Критична маса #25“ е посветена и на успесите во подигањето на велосипедската култура во главниот град. „Критична маса немаше да опстане без секој еден од вас, ако одите со велосипед на работа, ако ги поддржувате вашите блиски да се обидат да го користат велосипедот почесто“, нагласуваат организаторите. Првото организирано возење велосипеди низ улиците на Скопје се одржа на 30 мај 2012 година и досега се одржаа 24 изданија на Критична маса.
Покрај масовното возење велосипеди, во изминативе две години се понудија мноштво идеи за натамошен развој на велосипедизмот во Скопје. Како последна од серијата замисли, граѓанската иницијатива пред еден месец достави предлог за надградување на проектот „Скопје изнајми велосипед“ преку зголемување на бројот на локации за изнајмување и на велосипеди на располагање за граѓаните, промена на работното време на пунктовите, како и идеја за поставување држачи за велосипеди во склоп на постоечките паркинзи на Ј.П. „Градски паркинг“.