Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по денешната средба со директорот на АДСДП Христијан Трајковски изјави дека државата во наредниот период ќе ја интензивира изградбата на социјални станови за најранливите категории на граѓани. АДСДП во изминатиов период ја завршила изградбата на две станбени згради со 53 социјални станови во Кочани и во Гостивар. До крајот на годинава или најдоцна во првиот квартал од 2018 година е планирано да се распише јавен оглас за распределба на овие станбени единици.
На денешната средба се разговараше за динамиката на изградба на станбени објекти во Гостивар и во Струмица, кои се очекува да бидат завршени во текот на следната година. Од АДСДП во наредниот период планираат да инвестираат во изградба на објекти наменети за лица во социјален ризик и други ранливи групи во Пехчево, Свети Николе, Виница, Пробиштип и Скопје.
„Владата на Република Македонија е силно посветена на решавање на станбеното прашање на најранливите категории на граѓани. Во следниов период ќе го интензивираме процесот на изградба на социјални станови, со цел што побрзо да им обезбедиме кров над главата на лица на кои тоа им е најпотребно“ изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.