Министерството за култура преку Годишната програма од национален интерес за 2013 година одвои финансиски средства за реконструкција на покривот на Спомен – костурницата на паднатите борци во Велес. За реализацијата на санационите активности ќе биде задолжен Националниот конзерваторски центар од Скопје. Засега не се објавуваат официјални информации во врска со периодот на започнување на изведбените работи врз овој репрезентативен објект. Во меѓувреме, продолжуваат горливите проблеми со прокиснувањето во костурницата каде е сместен најголемиот мозаик во Македонија, изработен од еминентниот уметник Петар Мазев.
Спомен – обележјето на паднатите борци од Втората светска војна во моментов се наоѓа во катастрофална состојба. Покрај уништувањето на мозаикот, како последица на прокиснувањето на објектот, создадени се флеки на голем дел од површината во внатрешноста и на надворешноста на зданието. Во бетонската конструкција во форма на афионов цвет се забележуваат пукнатини, додека покривот на монументалната градба се користи за цртање графити од страна на несовесните граѓани. Некогашните спомен плочи пред влезот во костурницата се искорнати, а целосно е уништено и јавното осветлување во околината на објектот.
Спомен – костурницата во Велес е изградена во 1979 година, врз основа на идејното решение на академскиот вајар Љубомир Денковиќ и архитектот Саво Суботин од Србија. Зданието е подигнато во чест на загинатите велешки борци од Втората светска војна, а величествениот мозаик на Петар Мазев ја отсликува борбата за слобода на македонскиот народ од Илинденската епопеја до победата над фашистичкиот окупатор. Најголемиот мозаик во Македонија е изработен од природен и вештачки камен од венецијанска паста, во неколку бои, преку кои се издвојуваат симболите и формите, на вкупна површина од 275 метри квадратни. Последната реконструкција на објектот беше извршена во 2005 година, но одвоените финансиски средства во износ од 100.000 евра не беа доволни за целосно решавање на проблемот со прокиснувањето.