Министерството за транспорт и врски ја подготвува документацијата за објавување на повик за нискобуџетна авиокомпанија која што би воспоставила четири нови авио линии од аеродромот во Скопје кон градови во Шпанија и Норвешка, но и директен лет од охридскиот аеродром кон некоја европска метропола. Како и досега, со финансиски средства од државниот буџет ќе се субвенционираат најавените евтини летови. „Ќе одиме повторно со субвенции, со колкав износ ќе бидат ќе видиме, но рамката е 5 милиони евра во наредните три години. Условите генерално се многу слични како и претходниот пат“, изјави на денешната прес – конференција министерот Миле Јанакиески.
Целта на надлежното министерство е новите летови кон Шпанија и Норвешка да стартуваат од јуни или најдоцна од септември наредната година, а во план е да се земат во предвид и други дестинации. Повикот за избор на нискобуџетен авиопревозник би требало да се распише во текот на наредната недела. На огласот ќе може да се пријави која било авиокомпанија, односно „Виз Ер“ нема да има предност во однос на останатите заинтересирани субјекти.
Покрај планираните врски од скопскиот „Александар Велики“, во повикот ќе се бара и авиокомпанија што ќе лета од аеродромот во Охрид кон некоја од европските метрополи. Како причина за овој потег, министерот Јанакиески денеска го наведе фактот дека не се докрај искористени капацитетите што ги нуди овој аеродром. Сличен повик кон крајот на април годинава објави и општина Охрид, но по само неколку месеци се утврди дека ниту една нискобуџетна авиокомпанија не е заинтересирана да организира евтини летови кон Лондон.
Министерот Миле Јанакиески потенцираше дека огласот за избор на македонски национален авиопревозник ќе биде распишан во првата половина од 2015 година и дека најпрво ќе се бара консултантска компанија со искуство во анимирање на компании и знаење како да се воспостави национална авиокомпанија. Откако ќе се избере консултант, истиот заедно со Министерството за транспорт и врски и концесионерот на аеродромите „ТАВ Македонија“ ќе треба да анимираат што е можно повеќе авикомпании, кои ќе ги понудат своите услови за учество во проектот.