Претходна статија
Државата ќе субвенционира вградување на ПВЦ и алуминиумски прозорци
Следна статија
ИНТЕРВЈУ: „Скопје 2014“ би го опишал со зборот „исклученост“

Доцни почетокот на реконструкцијата на Универзална сала

Објавено на 24.01.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Градот Скопје и Министерството за култура си ја префрлаат топката еден на друг за реконструкцијата на Универзална сала. Во меѓувреме, реализацијата на планираниот градежен зафат веќе доцни. Тендерот за избор на изведувач на градежните работи не е распишан, иако минатогодишното ветување беше дека истиот ќе се објави во текот на октомври 2016 година. „Постапката за реконструкција на поранешната Универзална сала е во координација со Министерството за култура и Управата на установата и сите информации потребни за вашата информација треба да ги добиете кај нив“ велат за „Билд“ од Градот Скопје.

 

 

Од Министерството за култура ни соопштија дека Градот Скопје постанал носител на активностите за изведбата на Универзалната сала и не препратија кон нив. И додека институциите си ја префрлаат топката, културното здание веќе подолг период е затворено за одржување на настани. Чекајќи ја најавената реконструкција, објектот е оставен на заборав на времето. Пред две години се урна дел од покривот, па така дел од објектот е неупотреблив. Последниот санационен зафат врз зградата е направен во далечната 1978 година.

 

Градежниот институт „Македонија“ во април 2016 година го доби тендерот за измена и дополнување на проектот за реконструкција на Универзалната сала. Проектантот требаше да вцрта две помали сали во склоп на зданието, но и да го дополни проектот за проширување на постоечката сала со дополнителни 200 седишта. Владините пресметки говорат дека реконструктивниот зафат ќе чини 15 милиони евра, кои пак треба да се обезбедат од државниот буџет.

 

Универзалната сала е еден од симболите на изградбата на пост-земјотресно Скопје. Обновата на Скопје со следењето на принципот на меѓународна солидарност овозможи дури 35 земји од светот да донираат сопствени средства во издигнувањето на Универзалната сала (денешен Конгресен центар „Александар Македонски“).

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk