До Министерството за животна средина и просторно планирање пристигнаа 49 понуди од домашни и странски компании што се заинтересирани да градат мали хидроелектрани на некоја од понудените 80 локации низ целата земја. Министерот Абдилаќим Адеми истакна дека владата донела измени во однос на овластените тарифи и олеснувања за инвеститорите што можат да го зголемат нивниот интерес. „Новиот пакет на мали хидроелектрани со вкупна инсталирана моќ од 64 мегавати ќе значи зголемување на сегашниот хидро – капацитет од 10 проценти“, рече министерот Адеми на денешното отворање на понудите на заинтересираните инвеститори.
Концесиите за искористување на водите за производство на електрична енергија од мали хидроелектрани се издаваат на временски период од 23 години, со рок на изградба на објектите од три години и 20 години концесија за искористување на вода. Македонската влада го објави шестиот по ред повик во февруари годинава, при што на инвеститорите им беа понудени 80 локации на сливовите на реките Вардар, Треска, Брегалница, Струмица и Црн Дрим.