Претходна статија
Железницата втор квартал по ред ниже позитивни резултати
Следна статија
Од ноември почнува изградбата на инфраструктурата во индустриската зона Визбегово

ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: Фабриката „Карпош“ подарена од Советскиот Сојуз

Објавено на 27.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Огромна помош во постземјотресната изградба на Скопје одиграла фабриката „Карпош“ изградена во населбата Ѓорче Петров. Овој огромен индустриски капацитет е дониран од Владата на Советскиот Сојуз по скопскиот земјотрес од 1963 година. Идејата била да се донира фабрика за производство на монтажни елементи за изведба на станбени згради на територијата на Скопје. Монтажните елементи се изработувале во оваа фабрика, се транспортирале со посебни возила до скопските населби и на самата локација се вршела монтажата на огромните Лего коцки.

 

*Весникот „Нова Македонија“ на насловната страница известува за пуштањето во употреба на фабрика „Карпош“

 

Како што се истакнува во книгата „Скопје – град на солидарноста“, фабриката „Карпош“ е пуштена во употреба на 24 јули 1964 година. Висока советска делегација допатувала во Скопје по тој повод, предводена од заменик претседателот на Министерскиот совет на СССР Вениамин Димшец. Гостите во Скопје ги пречекал Вељко Зековиќ, потпретседател на Сојузниот извршен совет на Југославија и целокупното раководство на СР Македонија и Градот Скопје. Фабриката била изградена и монтирана во рекорден рок од 7 месеци.

 

Индустрискиот капацитет било предвидено да произведува 1.200 станови годишно, односно 35.000 метри квадратни станбен простор за жителите на Скопје. Како резултат на тоа, дел од населбите во Скопје делумно се изградени од монтажни станбени згради, вклучувајќи и најголем дел од скопската населба Карпош 3. Тоа била единствената фабрика од таков вид во Југославија, во која било предвидено да се произведуваат два типа станови во згради со приземје и 3 ката.

 

*Новинарски извештај за донесената одлука за изградба на скопската населба Карпош 3

 

За изведба на индустрискиот објект било задолжено градежното претпријатие „Бетон“ од Скопје. Во издигнувањето на фабриката учествувале околу 50 советски стручњаци, инженери и техничари. Во изработката на целокупната опрема на оваа фабрика за станови биле вклучени 190 советски претпријатија. Сите машини биле доставени до македонскиот главен град со стотици товарни вагони директно од СССР. Фабриката „Карпош“ располагала со затворена површина од околу 4.500 метри квадратни, вклучувајќи голема сала за изработка на монтажните елементи, фабрика за бетон, одделение за фасадерски материјали, котларница и простор за складирање на крупно панелните елементи.

Од фабриката „Карпош“ имаат излезено илјадници станбени единици, во кои до денешен ден живеат скопјани. Импозантен е ангажманот за изградба на населбата Карпош 3, во која на површина од 70 хектари било предвидено да се издигнат 4.384 станови за околу 19.000 жители на македонскиот главен град. Сите овие станбени единици биле изработени од монтажните елементи произведени во фабриката „Карпош“ од Ѓорче Петров.

 

Неколку децении подоцна, фабриката „Карпош“ продолжува да функционира со намален капацитет во споредба со периодот на постземјотресната обнова на Скопје. Дел од објектите во фабричкиот круг се пренаменети за други потреби, додека на еден сегмент од некогашната површина на оваа фабрика во моментов се гради новата скопска населба „Александрија“.

 

*Висока советска делегација присуствувала на свеченото пуштање во употреба на фабриката „Карпош“ во Ѓорче Петров

 

 

Текст, фотографии и обработка на архива: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk